Историјат

Печати

Во јануари 1955 година основана е Југословенска авторска агенција со седиште во Белград и истовремено нејзини застапништва во републиките. Во Република Македонија беше основана Авторска агенција - застапништво за Македонија. Со донесување на Уставот на СФРЈ од 1974 и промена на прописите за претпријатијата, застапништвото за Македонија прерасна во ООЗТ Авторска агенција на Македонија во рамките на РО Југословенска авторска агенција. Работите со странски автори во Југославија и домашни автори во странство ги извршуваше Работната Заедница- Заеднички служби во Белград.
Во 1991 година, со одлука на сите агенции во состав на Југословенската авторска агенција таа престана да постои.
По осамостојувањето на Република Македонија и извршената приватизација на општествениот капитал, Агенцијата се здоби со статусот- акционерско друштво, а од 2001 година  таа е трансформирана во друштво со ограничена одговорност и нејзиниот полн назив е ТРГОВСКО ДРУШТВО ЗА ЗАШТИТА НА АВТОРСКИ И СРОДНИ ПРАВА МАКЕДОНСКА АВТОРСКА АГЕНЦИЈА ДОО - Скопје.

Во текот на 50- годишното работење АГЕНЦИЈАТА преку вршење на дејностите од својот домен учествувала во реализацијата на многубројни авторски проекти и културни манифестации, во правно-финансиското регулирање на авторските права при изработката на најзначајните споменични обележја во Македонија,како и издавачки и други проекти од национално значење така што е сведок на сето она што го сочинува нашето културното живеење.
Со своето долгогодишно искуство во дејноста на авторскоправната заштита оваа институција претставува субјект кој стручно ги толкува и применува одредбите од Законот за авторското право и сродните права во Република Македонија па врз основа на тоа има значајна советодавна улога во решавањето на прашањата од авторскоправната проблематика.

Високото ниво на компетентност во работењето на Македонска авторска агенција приденесе таа да се здобие со голем углед како кај своите комитенти така и кај државните органи со кои соработува.

Многубројни автори кои оставија трајна трага во културата на Македонија беа   корисници на услугите на Агенцијата. Меѓу нив се имињата на  Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Васил Иљоски, Димитар Кондовски, Никола Мартиновски, Димо Тодоровски, Јордан Грабуловски, Петар Мазев, Живко Чинго, Лазар Личеноски, Димитар Митрев, Стале Попов, Ѓорѓи Абаџиев и многу други.